15 February, 2026

Шофери на министри се веќе казнети, за министер за полиција, премиер, претседател важат други правила, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека системот „Сејф сити“ ќе функционира целосно неселективно и дека санкции ќе важат за сите – без исклучок, вклучително и за функционерите и службените возила.

На новинарско прашање дали и функционерите ќе бидат казнувани, тој нагласи дека правилата се исти за сите.

„За ‘Сејф сити’ да даде вистински резултат, мора да има целосна неселективност. Никој нема да биде исклучен. Возила на Брза помош или МВР, кога постапуваат по службена должност во пропишани ситуации, нема да бидат санкционирани. Но за секое друго прекршување – ќе има казна. Веќе има казнето шофери на неколку министри“, рече Тошковски.

Тој додаде дека казни имало и досега, па дури и за возачи кои управувале возила со министри во нив. „Не сакам да ги специфирам, но има најмалку три случаи за кои знам“, истакна тој.

Според него, и досега биле казнувани шофери на министри. „Ниту министерот за внатрешни работи во рамки на тековното работење, нема да биде екскулпиран во сообраќаен прекршок. Во рамки на утврдена процедура за министер за внатрешни работи, претседател на држава, премиер, претседател на Собрание, тука важат други правила на игра“ одговори Тошковски на прашање „Колку ве возеа вас додека доаѓавте на настанот“, а кога новинарот посочи „Значи ве возеле повеќе од 50 км/ч, тој додаде „Вие сакате да чуете нешто што би дало шмек и доза дека не важи правилото за министерот. Но тоа не е точно. Министерот нема цел живот да биде министер, еден ден нема. И сега ако министерот управува возило над дозволеното, ќе биде казнет. И досега биле казнети министри“.

Министерот објасни дека МВР заедно со релевантните институции врши ревидирање на локациите каде ќе бидат поставени безбедносните камери. Пробниот период од околу еден месец го оцени како „критично важен“ за прилагодување на граѓаните и унапредување на системот.

„Секој тест-период е можност јавноста да се запознае со концептот што сакаме да го имплементираме. Мора да имаме предвид дека сме една од најлошо рангираните земји во светот според бројот на жртви во сообраќајот. 142 загинати не се само бројки, туку човечки животи“, посочи Тошковски.