На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ сведочеше и Дејан Манасиев, кој работел како шанкер во објектот од 2012 година.
Манасиев е еден од повредените во трагичниот настан и, како што изјави, сè уште се соочува со сериозни здравствени последици, меѓу кои и намалена сатурација. Се лекувал во болниците во Штип и Скопје, како и во Грац, Австрија.
Во своето сведочење тој наведе дека, покрај него, пожарот го преживеала само неговата колешка Анастасија. Посочи дека сите вработени во дискотеката работеле без договор и без обука за заштита од пожар, а од 2023 година бил осигурен на половина работно време.
Манасиев изјави дека не видел кој ја активирал пиротехниката кобната вечер. Според неговите зборови, на претходни настани пиротехниката ја активирало лице од Скопје, кое таа вечер не било присутно.
Тој наведе дека во објектот видел противпожарни апарати на две места, а можно е да имало и на уште една локација, но не можел со сигурност да потврди дали имало хидранти за гаснење пожар во и пред објектот.
Дополнително, изјави дека постоел план за евакуација и дека во декември 2024 година во дискотеката била извршена контрола од Управата за јавни приходи, при што било утврдено дека една од касите не била исправна. И покрај тоа, објектот не бил пломбиран и не добил забрана за работа.
Манасиев потврди и дека Тодор Јованов, брат на сопственикот на „Пулс“, првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, работел во објектот за дневница.
Тој беше сослушан како сведок на Основното јавно обвинителство, а неговото сведочење било предложено и од страна на адвокатите на одбраната.
Обвинителството реагираше на исказот, наведувајќи дека денешното сведочење се разликува од изјавите што Манасиев ги дал за време на истрагата. Според Обвинителството, во претходните искази тој навел дека задната врата кобната ноќ била заклучена, дека дал поинакво време на пристигнување на Јованов во објектот, поинакви информации за бројот на противпожарни апарати, како и дека не споменал оти лице од Скопје доаѓало да поставува пиротехника.
За време на сведочењето бурно реагираа и родителите на настраданите, тврдејќи дека исказот е лажен и даден со цел да се заштити Јованов. На тоа Манасиев одговори дека на дел од информациите се сетил подоцна, но дека не отишол во Обвинителството дополнително да ги сподели.
На крајот, Манасиев изјави дека не се приклучува кон кривичниот прогон, но дека ќе поднесе барање за отштета поради сериозните повреди што ги претрпел.

