16 April, 2026

Родителите бурно реагираа на исказот на шанкерот – за кого лажеш Дејан, за твојот газда Деко ли, седум колеги ти загинаа

Родителите на дел од загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ бурно реагираа на сведочењето на шанкерот Дејан Манасиев, кој работел во објектот од неговото отворање во 2012 година.

Најемотивна беше реакцијата на мајката на загинатиот Андреј, Марија Петрушева, која јавно го обвини сведокот дека не ја зборува вистината и дека со своите искази се обидува да го заштити сопственикот на дискотеката.

„Дејан, седум твои колеги и другари ти загинаа. За кого лажеш? За кого, за газдата Деко ли? Како можеш да тврдиш дека плафонот не бил спуштен, кога повеќе од 100 сведоци кажаа дека бил спуштен и дека бил обложен со сунѓер со токсични примеси? Како не ти е срам? Три деца имаш, да ти се живи и здрави, само да не тргнат по патеката на татко им. Нека ти служи на чест“, рече револтираната мајка.

Петрушева наведе дека нејзиниот син, кој работел како келнер во дискотеката, бил заедно со Манасиев во кобните моменти и лично ѝ ги раскажал неговите последни мигови. Како доказ дека сведокот не ја кажува вистината, таа понуди и комуникација со нејзиниот син преку апликацијата „Месинџер“.

„Тој ми кажа: ‘Тргнавме тројцата кон излезот, беше толку зачадено што ништо не се гледаше. Јас се упатив кон тоалетите за да проверам дали има некое дете таму, додека Андреј и Ице тргнаа кон излезот’. Денес, Дејан тврди дека видел 30 млади лица како снимаат со телефони и дека тоа предизвикало стампедо, што е целосно спротивно од неговите претходни изјави“, изјави мајката.

Родителите реагираа и на неговото тврдење дека помошната врата се користела како излез, посочувајќи дека постојат фотографии на кои се гледа катанец на вратата и дека внатрешна квака воопшто не постоела.

„Во Обвинителството кажа дека имало еден, можеби два противпожарни апарати, а денес веќе зборува за три. Ова е контрадикторно и поради тоа ние, родителите, ќе поднесеме кривична пријава против него“, истакна Петрушева.

Манасиев, кој е и еден од повредените во пожарот, изјави дека ќе бара отштета за претрпените повреди, но не се приклучи на кривичниот прогон против обвинетите, вклучително и против сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, чија одбрана исто така го предложи како сведок.

Во своето сведочење Манасиев тврдеше дека задната врата имала клуч, дека во објектот имало панични светла и дека на надворешноста на дискотеката не биле вршени никакви интервенции. Потврди и дека братот на сопственикот работел во дискотеката за дневница.

На неговите искази реагираше и Обвинителството, кое му предочи повеќе негови претходни изјави дадени во текот на истрагата, кои се разликуваат од денешното сведочење. Според обвинителите, Манасиев претходно изјавил дека задната врата била заклучена, дал поинакви информации за бројот на противпожарните апарати и за времето кога сопственикот Дејан Јованов-Деко пристигнал во објектот.