15 February, 2026

Муцунски: „Стрпете се шест месеци – САД ќе ве изненадат со визната политика“

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска појасни дека одлуката на САД за пауза во обработката на имигрантски визи за граѓани од 75 земји, вклучувајќи ја и Македонија, не значи црна листа ниту целосен прекин. Тој истакна дека ова не влијае на другите типови визи за САД.

– Доколку сте стопанственик и сакате да патувате во Америка, можете да аплицирате за виза. Студентите и учесниците на „Work and Travel“ или туристите исто така немаат ограничувања – рече Муцунски.

Министерот појасни дека квотата за иселенички визи е мала, главно за повозрасна категорија граѓани, и дека Амбасадата на САД во Скопје е во постојана комуникација со Стејт департментот.

Муцунски потенцираше дека одлуката треба да се гледа во поширок контекст на соработката со САД:

– Оставете време и доверете се во нашата комуникација со стратешкиот партнер. Во наредните месеци може да следат позитивни промени во визната политика на САД кон Македонија. Граѓаните не треба да се грижат – рече шефот на македонската дипломатија.