15 February, 2026

Ќе падне ли „Мој ДДВ“? Бројките се алармантни

Иако во моментов не се разгледува укинување на популарната мерка „Мој ДДВ“, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, предупредува дека проектот претставува сериозен товар за државниот буџет и не ја исполнил својата основна цел – намалување на сивата економија.

Во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Петрова изнесе конкретни бројки кои покажуваат колку државата ја чини повратот на дел од ДДВ кон граѓаните.

Според податоците за 2025 година, за оваа мерка се издвојуваат значителни средства. На секои три месеци се исплаќаат околу 14,5 милиони евра, а во просек околу 502.000 граѓани редовно скенираат фискални сметки преку апликацијата. Ова претставува околу 4 отсто од вкупната годишна наплата на ДДВ, што е речиси еквивалент на половина од еден месечен приход од ДДВ во државниот буџет.

Петрова потсети дека мерката, воведена во 2019 година, имаше за цел секој граѓанин да стане „даночен инспектор“ и преку задолжително барање фискални сметки да се сузбие сивата економија.

Сепак, според неа, резултатите на терен не ги оправдале очекувањата.

„Податоците со кои располагаме и состојбите што ги гледаме јасно укажуваат дека мерката не го дала посакуваниот ефект во борбата против сивата економија“, изјави Петрова.

И покрај високите трошоци и слабите резултати, таа вели дека засега нема донесено одлука за укинување или запирање на исплатите.

„Во овој момент не постои конкретна одлука или намера за укинување на мерката. Сепак, кога станува збор за трошење јавни средства, мора сериозно да се разговара за нивната ефикасност“, заклучи директорката на УЈП.