Со потресно и емотивно сведочење на Дејан Николов, сопственик на соседниот автолимарски сервис, денеска продолжи судењето за страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади лица.
Пред судот и расплаканите родители, Николов – првиот сведок по воведните зборови на одбраната – ги опиша пеколните сцени од кобната ноќ на 16 март. Тој детално сведочеше за објектот кој, според него, со години работел во целосно несоодветни услови.
„Прозорците што се гледаа однадвор беа заѕидани или затворени со изолација одвнатре. Внатре немаше каде да се излезе – беше вистинска стапица“, изјави сведокот.
Николов раскажа дека сосема случајно се нашол пред дискотеката со пријатели и со својот син, само неколку минути пред да избие пожарот. Кога се појавил густиот црн чад, веднаш го вклучил цревото од својот сервис со силен притисок.
„Слушнав гласови и тропање од женскиот тоалет. Прозорецот имаше решетки. Ги скршивме стаклата – девојчињата се држеа за решетките и молеа за помош. Светеа со телефоните и пискаа. Ги прскав со вода за да можат полесно да дишат. Син ми зад мене викаше: ‘Тато, те молам, спаси ги!’“, сведочеше Николов, додека во судницата владееше молк и солзи.
Тој опиша како заедно со својот син и неговите другари, користејќи професионални маски и гази, се обидувале да им помогнат на настраданите, иако кровот на објектот почнал да пука и да се урива. Сведочеше и за моментот кога му пришол син на еден од локалните лекари со тешки изгореници, барајќи помош.
„Дојде 5 часот наутро, а за мене тоа беше вечност. Верував дека има само повредени. Кога се свртев, видов три тела до мене. Беше страшно… тела имаше насекаде“, рече Николов со треперлив глас.
И покрај тешките сведоштва за пренатрупаноста на клубот, нелегалната употреба на пиротехника и долгогодишното работење без минимално-технички услови, сите 35 обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни. Дел од нив изразија сочувство, но остануваат на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
Судењето во судницата во Идризово продолжува со вкрстено испрашување на сведокот од страна на одбраната.

