15 February, 2026

ИРЛ: Излегле живи од клубот, а потоа ненадејно починале без видливи изгореници

Новото истражување на ИРЛ за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ укажува дека 50-те жртви најверојатно починале од труење со водороден цијанид, а не од јаглерод моноксид, како што досега се тврдеше.

Според обдукциските наоди, на кои се повикува ИРЛ, како и според градежното и хемиското вештачење и новата линија на сведоштва од ноќта на 16 март годинава, во просторот на клубот гореле исклучително токсични материјали. Меѓу нив бил и полиуретанскиот сунѓер, кој при согорување испушта водороден цијанид – гас со смртоносно дејство.

Истражувањето посочува дека обвинителите и судските вештаци биле запознаени со оваа можност, но во текот на истрагата не било испитано присуството на цијанид во организмите на жртвите.

ИРЛ ги анализирало исказите на сведоци дадени пред обвинителството – преживеани, пожарникари, медицински персонал и волонтери. Нивните сведоштва откриваат заеднички образец: просторот не мирисал на чад, туку на силни и непознати хемикалии кои за неколку минути ги онесвестувале луѓето, дури и кога имале можност за движење и излез.

Дополнителни отежнувачки околности биле прозорците затворени со лим и непрописно поставената влезна врата. На дел од присутните им откажувале нозете, паѓале, губеле свест, а некои успевале да излезат живи и да зборуваат, за потоа ненадејно да починат без видливи изгореници.

Документите до кои дошло ИРЛ, а кои биле дел од истрагата на скопското обвинителство, ги зацврстуваат сомнежите дека во просторот имало присуство на токсични отрови. Градежното и хемиското вештачење укажуваат на таква можност, додека обдукциските наоди отвораат сериозни прашања за вистинската причина за смртта на жртвите.

Во краткиот одговор до ИРЛ, од Институтот за судска медицина наведуваат дека постапиле согласно сите издадени наредби. Сепак, не одговориле дали може со сигурност да се исклучи труење со цијанид и колку е цврста утврдената причина за смрт, имајќи ги предвид крвните анализи.