16 April, 2026

Конечно е најавено решение за хаосот со паркирањето на Клинички

Владата на вчерашната седница донесе одлука земјиштето на паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ да премине во државна сопственост, со што се отвора патот за решавање на долгогодишниот проблем со паркирањето. Истовремено, обезбедени се средства за набавка на 100 нови амбулантни возила за јавните здравствени установи низ државата.

За набавката на амбулантните возила се издвоени 461.250.000 денари, преку преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години. Возилата ќе бидат опремени со современа медицинска опрема и ќе придонесат за побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, како и за навремен транспорт на пациенти до повисоките нивоа на здравствена заштита.

„Со оваа одлука значително ја подобруваме покриеноста и во урбаните и во руралните средини и го зајакнуваме системот за итна медицинска помош“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Запишувањето на земјиштето како државна сопственост ќе овозможи потпишување договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“, со што се предвидува модернизација, зголемување на капацитетите и воведување ред во паркирањето во кругот на Клиничкиот центар.

Според најавите, ќе се воведе целосен мониторинг на паркингот, информативни табли и дигитален систем за насочување на граѓаните, со цел пациентите и вработените да имаат безбеден, функционален и организиран пристап до клиничкиот комплекс.