Вработен во основно училиште во Македонија подолг период ја вознемирувал хигиеничарка, државјанка на Албанија која живее и работи во земјава. Случајот бил пријавен до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврди дека станува збор за интерсекциско вознемирување на работното место, пишува Слободен Печат.
Според наводите во претставката, претпоставениот ја навредувал вработената со погрдни зборови, ѝ викал, ја омаловажувал и ѝ се заканувал со отказ. Покрај тоа, ѝ го отежнувал извршувањето на работните обврски, принудувајќи ја повторно да чисти веќе исчистени простории и криејќи ги клучевите од просториите што требало да ги одржува. таа навела дека претпоставениот без било какви причини постојано ја навредувал, ја омаловажувал, ја пцуел и ѝ се заканувал дека ќе ја избрка од работа.
Комисијата утврди дека вознемирувањето било врз основа на нејзината национална и етничка припадност, род и лично својство, имајќи предвид дека станува збор за жена Албанка која се преселила од Албанија во Македонија, каде што оформила семејство и засновала работен однос.
Од училиштето, во одговор до Комисијата, навеле дека постоел конфликт меѓу вработената и нејзиниот претпоставен, по што биле преземени мерки и му било одземено овластувањето да раководи со помошно-техничкиот персонал. Со тоа, според нив, бил прекинат контактот меѓу двете страни.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му наложи на надредениот во рок од 30 дена писмено да ѝ се извини на вработената и да се воздржи од идни дискриминаторски постапки. Во спротивно, најавено е покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

