Интензивно се работи на изградба на кафилерија во Македонија, како и на решавање на проблемот со недостиг од гробишта за домашни миленици. Како што изјави за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, до средината на 2026 година се очекува да бидат дефинирани основите за двата проекти – локациите и потребната инфраструктура, по што ќе следи нивна практична реализација.
Миланов посочува дека досега починатите миленици најчесто завршувале на депонии за комунален отпад, што претставува сериозен проблем. Идејата за изградба на кафилерија, додава тој, постои уште од 2019 година, но досега не била утврдена соодветна локација поради отпор од локалното население.
Се разгледува и можноста секоја општина да има прифатилиште за бездомни кучиња, како и гробишта за миленици.
– Во текот на неделава ќе имаме состанок со министерот за локална самоуправа и ЗЕЛС. Ќе се разговара за отворање нови локации надвор од урбаните средини, кои нема да бидат населени. Ќе им укажеме на градоначалниците, доколку е возможно, секоја општина да има и прифатилиште и гробишта за миленици. Во однос на кафилеријата, во изминатите години беа разгледувани повеќе локации, но поради недоволна информираност на јавноста не се постигна договор. Станува збор за херметички затворен процес без непријатни мириси. Сега се размислува за јавно-приватно партнерство, а како опција се разгледува и мобилна кафилерија, каква што се користи во повеќе европски држави – вели Миланов.

