Во гостување во „Претрес со Ландов“, затвореникот Коста Делов – осуден за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април – откри детали за, како што тврди, насилни инциденти кои се случувале во затворот „Шутка“.
Делов изјави дека зад решетки имало неколку физички пресметки и дека во дел од нив и самиот бил вклучен.
„Со двајца се справив успешно, ама и двајца се справија успешно со мене,“ вели тој, додавајќи дека конфликтите најчесто избувнувале поради провокации меѓу затворениците, а не поради лични пресметки.
Еден од најсериозните инциденти, според неговото сведочење, бил поврзан со обид да се внесе телефон во затворот.
„Одбив да учествувам во префрлање телефон преку ѕид. Требаше јас да го одвлечам вниманието на затвореник кој зборуваше со надзорникот, но не прифатив. Тогаш двајца ме нападнаа,“ раскажува Делов.
Тврди дека пресметката започнала со навреди, а потоа преминала во физичко насилство. Иако, како што нагласува, немал потешки повреди, во јавноста биле пласирани информации дека бил „во кома“ и „брутално претепан“.
„Мајка ми тоа многу тешко го прими,“ вели тој.

