15 February, 2026

Дали „Сејф сити“ функционира насекаде: Еве кои булевари остануваат без камери

Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, изјави дека системот „Сејф сити“ има капацитет да регистрира и санкционира широка лепеза сообраќајни прекршоци. Сепак, и во тест-периодот, и по неговото завршување и официјално пуштање во употреба, не сите прекршоци што камерите технички можат да ги забележат ќе бидат и казнувани. Конечната листа на санкционирани прекршоци сѐ уште не е дефинирана.

Според Топаловски, „Сејф сити“ ќе биде калибриран да ги детектира и казнува прекршоците за:

  • возење со зголемена брзина,
  • минување на црвено светло,
  • непрописно престројување (во една или преку две ленти),
  • непрописно претекнување,
  • свртување преку една или две полни ленти,
  • непрописно паркирање на улица или тротоар.

Казна ќе следува и за возила оставени среде булевар со вклучени четири трепкачи – навика која, како што се оценува, со години е длабоко присутна кај скопјани, особено на булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „Цветан Димов“ во Чаир, „Никола Карев“ („Пластичарска“), „Теодосиј Гологанов“ и „Ѓорче Петров“.

Паралелно со ова, на социјалните мрежи веќе се појавуваат јавни дискусии, реакции и прашања упатени до МВР – дали поединечни делови од градот се воопшто покриени со камери, и ако не, дали е планирано нивно поставување. Граѓаните посочуваат локации како:

  • булевар „Никола Карев“ (од „Пластичарска“ до Момин Поток),
  • булевар „Борис Трајковски“ сѐ до Драчево и Батинци,
  • булевар „Словенија“,
  • булевар „Качанички пат“.

На интернет кружат фотографии и видеа од овие делници, на кои, според граѓаните, се гледа недостаток на „Сејф сити“ камери – што отвора дополнителни прашања за опфатот на системот и идните планови на МВР.