16 April, 2026

„Безбеден град“ ги откри точките со најмногу прекршоци – 4.300 само на една локација

Системот „Безбеден град“ во првите 24 часа од тест-периодот (1 декември) регистрирал 110.000 сообраќајни прекршоци. Според најновите податоци на МВР, на 2 декември биле евидентирани вкупно 50.652 прекршоци – речиси двојно помалку во однос на претходниот ден. Најчести се прекршоците за неприлагодена брзина (48.861), по што следуваат минувања на црвено светло (1.366) и управување со нерегистрирани возила (425).

Во текот на вчерашните 12 часа, системот забележал уште 22.600 нови прекршоци, од кои околу 95 проценти (21.400) се однесуваат на возење со брзина поголема од дозволената. Најмногу прекршоци за брзо возење се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово (4.300) и на булевар „Никола Карев“ (3.000). Во тест-периодот е забележана и максимална брзина од дури 209 км/ч.

Од МВР појаснуваат дека камерите на „Безбеден град“ бележат само прекршоци, но не и вкупен број возила што се движеле низ градот во тестирањето.

Системот ги идентификувал и таканаречените „жешки точки“ каде најчесто се прават прекршоци за висока брзина или минување на црвено. Според податоците, најризични точки за брзо возење се излезот од Скопје кон Тетово и булевар „Никола Карев“, додека најмногу минувања на црвено светло се регистрирани на раскрсницата меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“.

„Во периодот од 02.12.2025 од 00:00 до 12:00 часот најмногу прекршоци за возење побрзо од дозволеното се регистрирани на излез од Скопје кон Тетово (4.300) и на булевар „Никола Карев“ (3.000). Најмногу прекршоци за минување на црвено – 45 – се забележани на крстосницата со улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“, информираат од МВР.“