Како што дознава „Фокус“, телото на Миле Тодоров било пронајдено во неготинското подрачје, на место кое ретко било посетувано од луѓe.
Безживотното тело на 28-годишниот Миле Тодоров од Неготино, кој беше пријавен за исчезнат во јануари годинава, било пронајдено на 17 минатиот месец. Поради состојбата во која се наоѓало телото, за идентификацијата и обдукцијата било потребно подолго време.
Според првичните, неофицијални информации, нема индиции дека смртта била насилна, но истрагата и понатаму продолжува.
За него со месеци трагаа и семејството и полицијата. Денеска, неговата сестра преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека Миле е пронајден починат.
Во својата објава напиша:
„Летај со ангелите, мило наше. Нашите срца ќе останат празни без твојот глас, љубов, добрина, насмевка… Болката е голема, но спомените за тебе ќе живеат вечно во нашите срца. Почивај во мир и спокој.“
Погребот на Миле Тодоров ќе се одржи утре на градските гробишта во Неготино.

