Две лица, државјани на Северна Македонија, го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила рано утрово на автопатот Белград–Ниш во Србија.
Според информации од српските медиуми, несреќата се случила кај клучката Умчари, кога автомобилот во кој се превезувале излетал од патот.
Според првичните, неофицијални информации, патничко возило марка „Сеат“, со германски регистарски ознаки, изгубило контрола и излетало надвор од коловозот. Од силината на ударот, смртно настрадале лицата кои се наоѓале на предните седишта.
Од целосно деформираното возило биле извлечени телата на маж и жена – возачот и совозачот, за кои е потврдено дека се македонски државјани.
Во возилото се наоѓало уште едно лице, кое го преживеало судирот, но се здобило со тешки телесни повреди и итно било пренесено во болница.
Полицијата извршила увид на местото на несреќата, а истрагата е во тек со цел да се утврдат точните околности кои довеле до оваа трагедија.

