16 April, 2026

Аларм во „Козле“: 150 деца дневно на преглед, 60 хоспитализирани – Скопје како гасна комора

„Тешко се дише, гребе во грлото и солзат очите“ – вака изгледа секојдневието на скопјани додека енормното загадување го гуши градот. Последиците веќе се чувствуваат во болниците, кои се преполни со пациенти, најмногу деца и хронично болни, пишува 4News.

Најкритично е кај лицата со астма и белодробни заболувања. Во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, дневно се вршат околу 150 прегледи, а хоспитализирани се околу 60 деца. Докторите предупредуваат дека загадениот воздух најмногу ги погодува најмладите поради нивниот кревок имунитет и недовршен развој на белите дробови.

Од Институтот апелираат родителите да не ги изнесуваат децата надвор при високо загадување и да не носат болни деца во градинките, бидејќи вирусните инфекции се во пораст. Воедно, се бара училиштата и градинките да обезбедат прочистувачи на воздух.