16 April, 2026

Продавал нелегални прскалки, а на „ДНК“ им продал 8 за да му „учини“ на Панчо, сведочеше сопственик на продавница во Кисела Вода

Прскалки од Бугарија, кои ги набавил нелегално повеќе од една година пред трагедијата, им продал на членови на бендот DNK, за да му „учини“ на Панчо, кој претходно од него купил куферче за далечинска активација. Ова на денешното рочиште изјави сведокот Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за настани – озвучување, осветлување и сценски ефекти. Судењето се одржа во судницата во КПУ Идризово.

Игновски, сопственик на фирмата Чкаља ДООЕЛ од скопската општина Кисела Вода, а денес и на брендот E‑Audio, одговарајќи на прашања од обвинителството рече дека го познава Панчо, кој пред околу три години купил куферче за далечинска активација.

– Пред три години куферче купи Панчо, а по неколку дена се јави момче што пелтечеше, кое подоцна дознав дека се вика Буцо. Дојде, ги зеде и тоа беше. После тоа не се јавија повторно да купат – изјави сведокот.

Тој наведе дека на член на ДНК, за кој подоцна дознал дека се вика Буцо, му продал осум патрони за „топли фонтани“. Сепак, тврди дека прскалките што го запалиле кабарето Пулс не биле тие што им ги продал, бидејќи имале различен домет.

Според неговото сведочење, околу година и половина пред трагедијата лично донел со автомобил од Бугарија околу 100 прскалки „Тропик“, главно за демонстрација на клиентите при тестирање на куферчињата за активирање. Од нив, осум продал на ДНК.

Игновски истакна дека бендот на своите настапи редовно користел сценски ефекти и дека, според негови проценки, во период од година и половина потрошиле меѓу 100 и 200 прскалки.

– Доставив фотографии и видеа од нивни настани. На секој настап користеле прскалки, што значи дека од тогаш до трагедијата употребиле повеќе од 100–200 – изјави сведокот.

Тој нагласи дека прскалките што ги донел биле со домет од два метри и наменети за внатрешна употреба, додека оние што, според видеата, биле користени во „Пулс“ имале домет поголем од три метри.

– Да се користеле прскалки со домет од два метри или метар и половина, немало да има проблем. На прскалките јасно пишува колкав е дометот и дали се за внатрешна или надворешна употреба – рече Игновски.

Тој додаде дека пред трагедијата, на настап во Гевгелија, во дискотеката De Facto, при настап на ДНК биле запалени платно и звучници со истиот тип сценски ефекти.

Во текот на рочиштето, адвокатката Sofija Laličić, која брани еден од обвинетите, побара во записник да се внесе забелешка дека треба да се утврди „кој повеќе треба да биде на обвинителна клупа – обвинетите од Министерство за економија на Северна Македонија кои издале лиценци во 2011 година или сведокот кој криумчарел пиротехника и ја продавал“.

Обвинителот Darko Jakimovski се спротивстави на ваквите забелешки, нагласувајќи дека, како што рече, „луѓето не загинаа од активација на пожар, туку затоа што немале каде да избегаат“.

На прашање од одбраната дали со нелегална пиротехника ДНК го запалиле „Пулс“, сведокот одговори потврдно.

Судот го праша и дали купувачите на пиротехника требало да поседуваат дозвола за нејзино користење.

– Ние не ги продававме легално за да бараме дозвола. Јас само му учинив на Панчо – му дадов осум прскалки и толку – изјави Игновски.