Од полноќ во земјава стапуваат на сила новите, повисоки цени на горивата, што веќе предизвика зголемен метеж и редици на бензинските пумпи. Според одлуката на Регулаторна комисија за енергетика на Северна Македонија, најголемото поскапување го бележи дизелот, чија цена се зголемува за 14,5 денари по литар, додека бензините поскапуваат за пет денари по литар.
Со новата пресметка, полнењето резервоар од 50 литри дизел ќе чини околу 4.275 денари, што е 725 денари повеќе од досегашната цена. Кај бензинот Еуросупер 98, истиот резервоар ќе достигне 4.075 денари, односно 250 денари повеќе.
Ако се земе просечна месечна километража од околу 1.000 километри, трошокот за гориво дополнително ќе се зголеми. Проценките покажуваат дека возачите на дизел возила ќе трошат околу 6.840 денари месечно, што е 1.160 денари повеќе од досега, додека кај бензинските возила месечниот трошок ќе достигне околу 6.520 денари, односно 400 денари повеќе.
Според одлуката на регулаторот, новите малопродажни цени изнесуваат:
- Еуросупер БС-95 – 79,5 денари за литар
- Еуросупер БС-98 – 81,5 денари за литар
- Еуродизел БС (Д-Е V) – 85,5 денари за литар
- Екстра лесно масло за горење – 82,5 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 42,586 денари за килограм
Очекувањата се дека повисоките цени ќе продолжат да создаваат зголемена побарувачка на бензинските пумпи, додека граѓаните се обидуваат да се прилагодат на новиот ценовен удар врз буџетот.

