Одбраната на третобвинетиот за трагедијата во Кочани, Михаил Јованов – син на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, сопственик на т.н. дискотека „Пулс“ – на денешното рочиште истакна дека тој е обвинет единствено затоа што е негов наследник.
Адвокатката Ивана Коцевска посочи дека Михаил имал своја фирма „Карго бит ДООЕЛ Кочани“ и дека од неговиот татко никогаш не добил овластувања да презема дејствија во име на фирмата која ја управувала дискотеката. Притоа, тој никогаш не бил ниту сопственик ниту управител на објектот каде што избувна пожарот.
Коцевска додаде и дека нејзиниот клиент поминувал низ сериозни психолошки последици, бидејќи во пожарот трагично ги загубил девојката со која бил во врска 10 години и неговиот најдобар пријател, а самиот се здобил со тешки изгореници од трет степен. Како резултат на тоа, кај него се појавиле суицидни мисли и морал да посетува психолог.
Според адвокатката, Основното јавно обвинителство не обезбедило ниту еден релевантен доказ против Михаил ниту, пак, конкретно прецизирало кое дејствие му се става на товар.

