15 February, 2026

 Уапсен сопственикот на кравите во кривопаланечко: „Целта им беше татко ми кој ништо не направи“

Попладнево е уапсен сопственикот на кравите за кои жителите од кривопаланечкиот регион претходно реагираа дека им го уништуваат земјоделскиот имот во потрага по храна и го загрозуваат сообраќајот во околината.

Според информациите, сопственикот бил приведен поради наводни закани по живот упатени кон неколкумина граѓани кои подолг период трпеле штета од неговиот добиток. Но, ќерката на сопственикот, Јулијана Ѓоргиевска, за „Фокус“ тврди дека тој не сторил ништо што би го оправдало приведувањето.

„Го уапсија татко ми, а сестра ми заврши во болница. Кравите пак останаа на слобода, па излегува дека целата акција не беше за добитокот, туку само за да го однесат татко ми кој буквално ништо не направи,“ изјави Ѓоргиевска, која се пожали и на, како што вели, нехуман третман на животните – односно нивно намерно изгладнување од страна на дел од жителите кои ги врзувале во своите штали пред да поднесат пријава до Агенцијата за храна и ветеринарство.

Таа на социјалните мрежи објави и остра реакција: „Јасно се гледа дека апсат луѓе без прекршок, без инцидент, без отпор. Ниту провокација, ниту причина – а сепак се применува сила и се врши лишување од слобода. Ова не е законска постапка, туку класичен пример на злоупотреба и прекршување на основните човекови права.“