15 February, 2026

Експратеници со критики за „Сејф сити“: 51 км/час не е криминал, воведете зелен бран

По стартот на пробниот период на системот „Безбеден град“ (Safe City), кој во првите часови регистрираше над 65.000 сообраќајни прекршоци, дел од поранешните пратеници остро реагираат на новата сообраќајна реалност во Скопје.

Експратеникот Рубин Земун јавно го критикува Министерството за внатрешни работи, откако добил три електронски опомени за, како што вели, минимално пречекорување на брзината.

„Господа од МВР, време е малку да мислите и на граѓаните. Направете зелен бран на Партизанска за да можеме со 40 км/час да поминеме барем 5–7 раскрсници, а не од едниот до другиот крај на Сити Мол да фаќаме црвен бран.

Денес ми стигнаа три опомени од Safe City — за 51, 54 и 56 км/час. Ајде, ова 56 можеби е прекршок, ама 51 и 54?! Ова 56 е за да фатам зелено, а за овие 51 и 54 воопшто не знам! Ќе треба и брзинометрите да ги бажираме. Слушам денес имало над 60 илјади прекршувања до 15 часот! Сигурно 2/3 се под 55 км/час. Ќе биде урнебес!“, напиша Земун.

Слична реакција има и експратеничката Маја Морачанин, која повторно ја отвори темата за зелен бран по главните сообраќајници во Скопје.

„Се согласувам со предлогот за зелен бран. Солун е одличен пример – ако возиш 40, нема застој. Зелен бран треба и за пешаците. На раскрсницата Теодосиј Гологанов – Св. Климент Охридски зелено за пешаци трае само неколку секунди, можеш да стигнеш само до половина булевар. Затоа и многу пешаци минуваат на црвено“, напиша таа.

Реакциите доаѓаат само еден ден по воведувањето на системот „Безбеден град“, кој за првите 12 часа детектираше огромен број возачи со минимални пречекорувања од само неколку километри над дозволената брзина