Уставниот суд денеска им испрати иста порака и до пензионерите што протестираа пред нивната зграда и до премиерот Христијан Мицкоски: линеарното зголемување на пензиите сè уште е на сила и нема донесено конечна одлука за спорниот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември изразиле сомнеж за уставноста на членот 2 – одредбата што го воведе линеарното покачување од 1.000 денари – и дека е отворена постапка. Но, тоа е само првата фаза. Во втората, која во моментов трае, Уставниот суд собира мислења од Собранието и Владата, по што ќе се подготви предлог-одлука што треба да се најде на дневен ред на нова седница. Дури тогаш судиите ќе гласаат за конечна одлука. До тој момент, спорната одредба важи.
Пензионери протестираа денеска пред Уставен Суд во Скопје, со цел да продолжи линеарното пресметување на пензиите.
Насобраните лица им порачаа на уставните судии да се запрашаат како ја водат оваа работа и дека не е добар нивниот потег да се поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот со кои се регулира линеарното зголемување.

