Неколку дена по јавното објавување на пресудата за двајцата обвинети гинеколози за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе од Дојран, почина еден од обвинетите – Венци Чалков од Гевгелија. Тој стана трет од четворицата обвинети кои го загубија животот во текот на десетгодишниот судски процес. Породувањето беше извршено во Општата болница во Гевгелија.
Врховниот суд делумно ја прифати жалбата на Вишото обвинителство и условната казна што Апелација ја изрече на 15 октомври ја преиначи во 10 месеци затвор. Жалбата на вториот гинеколог, Дончо Москов, беше одбиена и за него остана алтернативната казна – шест месеци затвор доколку во следните две години стори ново кривично дело.
Двајцата гинеколози беа обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето по член 217 став 4 од Кривичниот законик, за кој е предвидена казна од 6 месеци до 5 години затвор. Во истиот случај беа обвинети и анестезиолозите Зоран Јовановски, кој почина за време на истрагата, и Томе Ванчев, кој почина пред две години. Трагичниот настан се случи на 22 октомври 2015 година околу 22:15 часот.
Во Основниот суд Велес, судијката Габриела Гајдова двапати донесе ослободителни пресуди за гинеколозите, додека за анестезиологот Ванчев изрече ефективна казна затвор. Апелација ги потврдуваше казните, но Врховниот суд пролетва го врати предметот на повторно судење. Потоа Апелација Скопје досуди условни затворски казни, а поради приближувањето на рокот за застарување, Врховниот суд на 6 октомври одржа јавна седница и на последниот можен ден – 22 октомври – ја донесе конечната одлука, која беше објавена кон крајот на ноември.

