1 December, 2025

Новите станови во центарот на Скопје, 3.000 евра за квадрат– Живковски: Би биле среќни доколку застанат овие цени

Цената на становите во новите згради во центарот на Скопје достигна и до 3.000 евра за метар квадратен. Пад не се очекува, а експертите би биле задоволни доколку цените останат на сегашното ниво. Ова го истакнаа во емисијата Бизнис 21 Иван Живковски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, и Фросина Ушлиновска, претставник на групација за недвижности при Стопанската комора. Тие посочуваат дека растот на цените е резултат на зголемената побарувачка, шпекулациите и менталитетот дека мора да се купи стан за децата, што доведе до двојно повисоки цени во последните години.

„Новите згради во општина Центар, како најатрактивна општина, а не помалку атрактивна е и општина Карпош, се движат од 2.400, 2.500 па до 3.000 евра за квадрат. Имаме евидентирано и цени од 3.100 евра по метар квадратен“, рече Живковски.

Ушлиновска објасни дека културата на купување недвижности и самата побарувачка придонеле за растот на цените. „Луѓето кои продаваа недвижности ги нудеа цените слободно, видоа дека тоа поминува и никој не можеше да го сопре. Немавме регулатива како да го контролираме тоа“, рече таа.

Таа нагласи дека е итно потребен Закон за промет со недвижности и регулатива која ќе ја регулира работата на сите играчи на пазарот, вклучувајќи ги и над 200 агенции за недвижности во земјата. „Така пазарот ќе се исчисти и цените ќе бидат реални. Сега има премногу шарлатани кои ја дефинираат цената по свое наоѓање“, додаде Ушлиновска.

Двајцата експерти не се оптимисти дека цените ќе паѓаат. „Би биле задоволни ако цените се стабилизираат или се движат благо нагоре со инфлацијата“, рече Живковски.

Податоците од Катастарот покажуваат дека во третиот квартал од годинава, во Центар е продаден стан од 91 квадрат за 280.000 евра, што значи цена над 3.000 евра по метар квадратен. Живковски нагласи дека за стабилизација на пазарот потребна е заедничка реакција и мерки од повеќе институции.

Експертите предупредуваат дека без координирани мерки од институциите, цените на становите во Скопје ќе продолжат да растат, оставајќи го пазарот нестабилен за потенцијалните купувачи.