1 December, 2025

Масовно труење во „Димо Хаџи Димов“, најмалку 40 деца со нагон за повраќање

Најмалку четириесет деца од одделенска настава во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затруле најверојатно од храна која ја консумирале во текот на вчерашниот ден на училиште, потврдија во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во моментов, екипи од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центар за јавно здравје (ЦЈЗ), како и од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) земаат мостри од работните површини и од храната. Според директорката на училиштето Лејла Николоска, станува збор за 40 деца.

„Вчера децата за појадок имаа корнфлекс со млеко, а за ручек јадеа мусака. Се работи за деца од одделенска настава кои имаат топол оброк и се во целодневна настава. Во текот на вчерашниот ден откако си заминале дома, пројавиле симптоми на болки во стомакот. Некои од нив родителите ги однеле на лекар. Не можам прецизно да кажам а колку деца се работи, иако засега се околу 40, попрецизни бројки ќе имаме откако ќе го видиме бројот на отсуства денеска. Во нашето училиште храна подготвува „Ванила фуд“. Не би сакала да прејудицирам дали причинител за труењето е храната или некоја бактерија од работните површини, ќе видиме што ќе покажат анализите“, рече Николоска за Мета.мк.

Но, според родители на дел од децата кои се затруле, бројката достигнува 80 деца, а тие се сомневаат и на водата како извор на труењето. Родители велат дека речиси сите затруени деца се од пониските одделенија.

„Од она што знаеме, имало осум деца кои се хоспитализирани, најголем број од нив се жалеле на нагони за повраќање. Се работи за деца од пониските оделенија кои се хранат во училиштето, ама има и од седмо и осмо одделение, кои не се хранат во училиштето, така што кај родителите има дилема дали причинител за труењето е храната“, вели родител на ученик во „Димо Хаџи Димов“ за Мета.мк.

Соопштение за случајот испратија и од АХВ. Оттаму потврдија дека нивни инспекциски служби заедно со инспектори од ДСЗИ, ИЈЗ и ЦЈЗ, во моментов спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“.

„Инспекцискиот надзор се прави откако утрово добивме известување од училиштето, дека поголем број на ученици имаат стомачни болки. Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е времено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета и земени ќе бидат мостри од инкриминирана храна, работни површини и прибор и машини за лабораториско тестуирање. По спроведената контрола, јавноста ќе биде информирана за спроведените активности и изречените мерки“, наведено е во сооштението од АХВ.

По спроведената контрола, јавноста ќе биде информирана за спроведените активности и изречените мерки.