1 December, 2025

Страв ми е кој се остана да работи на скопските клиники, вели Беќаровски

Жално и трагично е што во 2025 во која било држава да отидам, ќе најдам свои студенти кои биле меѓу најсолидните кандидати во својата генерација , а кога ќе тропнам на вратите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, искрено ми е страв каде ќе тропнам. Можете да замислите кој е квалитетот на кадарот кој се вработува, рече проф.д-р Нико Беќаровски од Клинката за токсикологија на вчерашната панел-дискусија „Ни ваши ни наши – реформа за фер вработувања во здравството“.

Д-р Беќаровски, кој има 35 години стаж на Клиника и 33 години е професор на Медицинскиот факултет. Тој сподели како изгледа интервју за работа, со кандидат кој има врски.

„Стигнуваат прашања кој кандидатот кој треба да е вработен однапред ги знае, тој го решава тестот за 10 минути, а тестот реално и ние од Комисијата со 30 години искуство ќе имаме проблем да го решиме бидејќи се избира од 3-.400 прашања. Тука се создава една голема дискрепанца на старт со бодовите. После тоа следува усмениот испит каде повторно, во затворено плико има прашања. Ако има 4 кандидати, осум прашања, ако се 5, 10 прашања. Кандидатот што треба да биде вработен, ги знае сите прашања. Ако има Комисија која што сака да испраша како што треба , да го прошета низ материјалот, ќе види дека ни грам лево ни грам десно не знае од тоа што е кажано. И кога после сите овие работи повторно нема да биде избран кандидатот кој треба, стапува на сила дискреционото право на директорот. На една колешка, која поднесе потоа жалба, и рекоа: ‘Ти си најпаметна, ти најмногу знаеш ама мене ми е најубав кандидатот број 4 и него ќе го изберам’. Тоа интервју на се личи само не на интервју бидејќи се сведува на форма во која што еден по еден влегуваат. Тој што ќе биде примен му се честита уште пред да заврши интервјуто со останатите“, рече д-р Беќаровски.

Ако скопскиот Клинички центар, вели тој, некогаш беше предизвик и гордост, денеска единствената врвна установа стана само собиралиште на партиски кадри.

„Ако ова не го смениме, џабе се и приватните болници, бидејќи и таму таа стара гарда што студираше по некои стандарди и критериуми, полека ќе замине во пензија и таму ќе дојдат луѓе кои останале во државава, а во државата верувајте ни останува далеку од кремот. На мене и моите колеги со долгогодишно искуство, искрено ни е страв со сите врски што ги имаме низ Клинички на која врата ќе тропнеме“, додаде тој.

Една работа е сигурна – без вистински реформи и фер систем на вработување, здравството ќе продолжи да ги губи најдобрите, а граѓаните ќе ја плаќаат цената на туѓите привилегии.