1 December, 2025

Новиот градоначалник на Струмица со имот од над 200.000 евра и фирма со државна поддршка

Петар Јанков, новиот градоначалник на Струмица, во анкетниот лист за имотната состојба доставен до Државната комисија за спречување корупција во графата „интереси“ ја впишал фирмата „Икарус“, која има добиено државна неповратна помош од повеќе од 20.000 евра во изминатиот период.

Претпријатието за градежни алати и опрема, според базата на „Отворени финансии“ добила државна помош од Владата за покажан интерес за инвестирање во висина од 628.887 денари на 31 декември 2024. По десетина дена, во 2025 на „Икарус“ му е исплатена истата сума под иста шифра. 

Фирмата се води на име на сопругата Катерина Јанкова, а во изминатиот период има добивано и договори за јавни набавки од поситно значење  Друштвото е основано во 2005.

Јанков во имтната состојба кај недвижнините пријавил две помали парцели градежно изградено земјиште во Струмица со намена А2-1 станбени згради, купени лани, од вкупна проценета вредност од околу 48.000 евра. Од 2011 поседува три парцели градежно изградено земјиште преку подарок во вредност од 86.000 евра. 

Од оваа година новиот струмички градоначалник со преддоговор за купопродажба е сопственик на стан од 53 м2 и гаража од 19 м2 во Охрид во вредност од 85.000 евра. Јанков пријавил месечен доход од 2.000 евра од издавање на деловен простор. 

Во периодот од 2007 до 2018 година Јанков бил дел од Царинската управа, каде работел како виш цариник. По напуштањето на јавната служба, од 2018 година својата кариера ја продолжува во приватниот сектор.

Тој уште во првиот круг на локалните избори го победи кандидатот на опозициската СДСМ, Марјан Даскаловски и го наследи Костадин Костадинов. Тој е првиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кој победил во Струмица по 20 години.

Останува да се види како новиот градоначалник ќе го оправда доверениот мандат во следните четири години.

Извор: Фактор