Силни емоции и револт меѓу родителите на загинатите деца од трагедијата во „Пулс“ денеска избија по завршувањето на рочиштето во Казнено-поправниот дом Идризово. Тие со тешки зборови реагираа кон адвокатите бранители на обвинетите.
„Што ќе бранат? Барем да не доаѓаат тука, да не ги гледаме. Ако имаа малку милост спрема нас, родителите… Осум месеци секојдневно нè убиваат, убиваат… Господ е голем, Он ќе им суди,“ извикуваа дел од родителите додека ја напуштаа судницата.
Една мајка со гнев му се обрати директно на еден од адвокатите од Кочани:
„Децата ни гнијат во гробовите, а вие… барем од Кочани адвокатите не требаше да ги браните ниту еден од овие! Знам дека мора да имаат адвокати, ама барем вие од Кочани не требаше да ги оставите по службена должност да си добијат адвокати. Не убивте десет пати до сега.“
На денешното рочиште, судијката ги евидентираше оштетените и нивните застапници кои беа присутни, но одлучи дека е потребно повеќе време за судот да ги извести сите оштетени за да присуствуваат на судењето. Следното рочиште е закажано за 2 декември, а до тогаш се очекува да заврши судската достава до оштетените и да се достават интегрираните обвиненија до сите обвинети, како што побараа нивните бранители.

