1 December, 2025

Мицкоски за приведувањето на Аца Лукас: Јас и не знаев дека тоа се случило

Премиерот Христијан Мицкоски од кого викендов на социјалните мрежи се бара извинување по приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци по утврдени низа неправилности околу настапот, вели дека во моментот на случувањата тој воопшто не знаел дека такво нешто се случува.

Рече дека законите се јасни и најави дека многу строго и внимателно ќе го следи однесувањето на ваквиот тип естрадни уметници и нивните менаџери.

„Јас и не знаев дека тоа се случило, да бидам искрен. Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат, пред неколку дена мислам тоа беше. Претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада која таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува и многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“, кажа премиерот Мицкоски.

Српскиот пејач Аца Лукас беше приведен во петокот вечерта во заедничка акција на неколку институции.

Голема драма се случи во петокот на настапот на Аца Лукас во Кавадарци, кога полицијата го приведе среде пеeње во еден угостителски објект. Според медиумите, концертот на познатиот пејач бил прекинат половина час по полноќ од страна на полицијата, затоа што, според официјалното соопштение на МВР на Северна Македонија, во клубот наместо дозволени 200 лица, имало дури 700, поради што популарниот српски пејач бил уапсен.