Само 72 часа откако премиерот Христијан Мицкоски јавно , ја увери нацијата дека сите угостителски објекти што работат ги исполнуваат техничките услови, реалноста на терен го демантираше на најдраматичен начин.
Упадот на полицијата и инспекциите на концертот на Аца Лукас во Кавадарци разоткри системски хаос: кафетерија претворена во концертна сала, двојно надминат капацитет и масовно затајување данок.
Во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање дали граѓаните можат да се чувствуваат безбедни кога излегуваат во ноќни клубови и дискотеки, премиерот беше дециден.
„Апсолутно сите, оние кои денеска работат и функционираат, ги исполнуваат минимално-техничките услови,“ изјави претседателот на Владата.
Но, случувањата во петокот вечерта во објектот „Рома“ во Кавадарци покажаа сосема поинаква слика за безбедноста и легалноста.
Инцидентот со настапот на Лукас се случил веднаш по полноќ во саботата и проверката била спроведена од полицијата заедно со инспекции од повеќе институции. Контролата започнала брзо, а службите влегле во угостителскиот објект каде што настапувал пејачот Аца Лукас.
Настапот беше стопиран веднаш, бидејќи според службите постоеле сериозни неправилности. Пејачот беше приведен кратко по почетокот на надзорот и префрлен во полициската станица.

