1 December, 2025

Мицкоски: Мојата плата е 155.000 денари, судиите земаат повеќе од мене, барем иста да е

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно беше запрашан за финансиската независност на правосудството и нивните барања за поголем процент од Буџетот. Притоа, Мицкоски ги споредуваше платите на судиите и неговата плата како премиер.

-Има претседатели на судови чија што плата изнесува околу 180 илјади денари. Мојата плата со стажот е 155 илјади денари. Барем иста нека биде. Платата на судиите нема под 100 илјади. Судија почетник на пример во Македонија, годишната бруто-плата му е околу 19.100 евра. Во Словенија е 34 илјади евра околу 85% повеќе, во услови кога БДП на Словенија е 350% поголем од нашиот, рече премиерот при посетата на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје.

Сепак, Мицкоски вели дека ќе направат закон со кој што ќе дозволат плановите за вработувања и унапредувања да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Истакна дека како Влада нема да се мешаат. Исто така додаде дека самите правосудни органи ќе се грижат за набавка од хигиенска средства до реконструкција на објекти. Од друга страна, премиерот е дециден како Влада ќе контролираат и дека ќе има собраниска Комисија која ќе врши надзор за работата на судовите и обвинителствата.

Минатата недела, Судскиот совет, Здружението на судии и Врховниот суд му пишаа отворено писмо на премиерот. Судиите рекоа дека веќе подолго време коментарите на Мицкоски за судиите и судството ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.

Понатаму, судиите велат дека последниот извештај на Европската комисија „јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт“. 

Исто така, во извештајот се вели дека проблем е финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност, велат судиите.