1 December, 2025

Ги чекаме децата да се појават и да кажат ,,Каде си ма мајче”, рекоа мајките на загинатите деца

По вчерашното судење за кочанската трагедија, дел од родителите го споделија својот гнев и болка со јавноста.

Беа задоволни од воведниот говор на кочанскиот обвинител Борче Јанев, а разочарани од адвокатите кои се нафатиле да ги бранат обвинетите.

-Не посакувам на никој да е на наше место, да ја почувствува оваа болка со непроспиени ноќи и денови. Ги чекаме нашите деца секој момент да се појават и да кажат ,,Каде си ма мајче”? Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца, а со тоа не убиваат и нас. Во име на парата и корупцијата, згаснаа млади животи, рече Светлана Стојанова, мајка на загинато дете.

Во деновите кои следуваат, како држава и како општество, ќе се покаже не само дали ќе има одговорност – туку и дали има достоинство. Првиот ден од судењето за трагедијата во клубот Пулс во Кочани, каде што 63 млади луѓе го загубија животот во пожар, отвора длабоко прашање: Колку вреди вистината? Одговорот што ќе го дадеме ќе биде показател за тоа како ја замислуваме државата која ја живееме.

.