1 December, 2025

Извлечен е автомобил со две лица заглавен во реката Пчиња во Старо Нагоричане

Автомобил во кој се наоѓале две лица утрово се заглави во надојдената вода на реката Пчиња кај селото Стрновец во Општина Старо Нагоричане. Пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане веднаш интервенирале и го извлекле автомобилот од надојдената вода на реката Пчиња.

Од акцијата за извлекување на автомобилот во кој се наоѓале две лица / Фото: Фејсбук

„Денеска во 07:35 часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац во Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, интервениравме со едно возило и двајца пожарникари“,се вели во соопштението на ТППЕ Старо Нагоричане.

Оттаму апелираат до граѓаните на Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на реката Пчиња во општината.

„Доколку здогледате лице во опасност од временски услови јавете се на телефонските броеви 031495666 или на 112 и 193“,пишуваат од единицата.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска соошти дека водостојот на реката Пчиња кај Пелинце од утрово е 120 сантиметри, а вчера бил 18 сантиметри, што претставува негов значителен пораст. Оттаму додаваат дека денешниот водостој е трипати повсок од просекот за ноември кој изнесува 41 сантиметар.