Сè поголем број граѓани во Скопје и пошироко признаваат дека се откажуваат од идејата да купат стан, дури и по цена да останат под кирија. Причината е едноставна — цените на недвижностите скокнаа до ниво што за многумина е недостижно, а банкарските кредити сè повеќе личат на доживотна обврска.
„За стан од 60 квадрати бараат по 120.000 евра, а ратата со камата излегува над 700 евра месечно. Тоа е половина или повеќе од просечната плата на многу луѓе. Подобро да плаќам кирија од 300 евра, отколку да се врзам со банка до пензија“, вели 34-годишниот Александар, кој живее под наем веќе шест години.
И експертите потврдуваат дека ваквото размислување станува сè почесто. Според нив, пазарот на недвижности во Скопје е прегреан, а реалната вредност на становите е далеку под нивната моментална продажна цена.
„Кога станот чини двојно повеќе отколку пред пет години, а платите пораснале само за 20–30%, тогаш е јасно дека нешто не е во рамнотежа. Купувањето стан во вакви услови е финансиски ризик“, велат економисти.
Додека побарувачката е висока и луѓето се подготвени да плаќаат, цените веројатно нема да паднат. Затоа многумина сега гледаат на изнајмувањето како на „попаметна опција“ – помал трошок, поголема флексибилност и без долгови што траат цел живот.

