1 December, 2025

(Видео) И по акцијата за чистење, Скопје повторно со шут и отпад

Новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, направи кратка обиколка низ центарот на Скопје за да ја прикаже вистинската слика на градот по повеќедневното чистење и санација на јавните површини.

Во својата репортажа, Видиновски најпрво се заблагодари на сите работници од јавното комунално претпријатие кои, како што рече, „со голема пожртвуваност и љубов кон градот“ ги собираат и отстрануваат огромните количини отпад што со години се наталожувале по улиците и парковите.

„Им се заблагодарувам од името на сите граѓани – овие луѓе заслужуваат почит. Се надевам дека со иста енергија и посветеност ќе продолжат и понатаму,“ изјави Видиновски.

Но, при обиколката низ централните градски улици и околу неколку познати споменици и обележја, тој наиде на слики кои, како што рече, се „трагични и срамотни“ – ѓубре, шут, па дури и човечки измет околу културни и историски значајни места.

„Не може вака да изгледа еден главен град. Ова не е само прашање на хигиена, туку на култура и самопочит,“ потенцираше Видиновски во репортажата.

Репортажата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде многумина ја поздравија иницијативата на новинарот, но и изразија револт поради состојбата во која се наоѓа центарот на Скопје.