Пожарот, кој избувнал некаде по 02:20 часот, за само неколку минути предизвикал огромен наплив на повредени, загинати и нивни блиски во болницата. Проценките се дека за многу кратко време болничката зграда се исполнила со повеќе од 600 луѓе, објави Канал77.
Колегите на д-р Наумов, кои биле на смена, го побарале телефонски и му кажале што се случува. Тој веднаш се упатил кон болницата, која се наоѓа на десетина минути возење од неговиот дом.
Глетката што ја затекнал била како од најлош кошмар. Вели дека и денес, една година по трагедијата, сеќавањата го прогонуваат.
„Не поминува ден, а да не помислам на тоа. Мора да се продолжи, мора да се продолжи, мора да се продолжи… А тие се враќаат“, се сеќава младиот лекар.
Болницата била преполна со луѓе кои врескаат и плачат — едни од болка, други по загинатите. Насекаде по ходниците имало тела: некои живи, но тешко повредени, други веќе починати. Имало и многу блиски — мајки, татковци, браќа, сестри, другари, другарки и сакани.
Сведоци велат дека и на растојание од главната болничка зграда се слушале вресоците и плачењето.
„Се враќаат вресоците, се враќаат сликите и тој ужасен мирис. Сè уште ги гледам каде лежеа, сè уште ги паметам како се бореа, како се обидуваа да преживеат“, вели д-р Наумов.
Од мислите не може да ја избрише сликата од моментот кога се обидувал да реанимира девојче.
„Сè уште го паметам девојчето на кое му давав вештачко дишење, но беше залудно“, се потсетува Наумов.
„Ужасот на лицата на сестрите кои доаѓаа да помогнат, вресоците на родителите и блиските, плачот на децата кои ги бараа своите родители… и тој наплив на тела… Сите тие млади, здрави…“
Д-р Наумов вели дека е многу тешко да се живее со таа ноќ во мислите и сеќавањата.
„Го потиснуваш тоа, се обидуваш да продолжиш, да живееш со тоа… А тие спомени се враќаат“, вели тој.
Ноќта меѓу 15 и 16 март Кочани ја доживеа најголемата катастрофа во својата историја.
63 млади луѓе загинаа во пожарот што ја зафати дискотеката Пулс.
Вкупно 211 лица беа повредени, од кои 157 тешко.
Пожарот во Кочани се смета за една од најголемите трагедии во поновата македонска историја.

