15 April, 2026

Пред четири години Ивана му го препишала станот, а потоа сурово и нечовечки ја малтретирал

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Стојанче Јовановски за трагедијата во Карпош, во која мајката Ивана и нејзината малолетна ќерка Катја го загубија животот по пад од балкон.

На обвинетиот му се ставаат на товар три кривични дела: телесна повреда сторена како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.

Според обвинението, на 2 март на повеќе локации во Скопје обвинетиот физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент изгубила свест. Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд Скопје, ѝ упатил сериозни закани по животот и телото, предизвикувајќи страв и чувство на несигурност.

Обвинителството наведува дека обвинетиот подолг временски период постапувал сурово кон сопругата, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност од него. Често ја тепал и омаловажувал, и во домот и на јавни места, пред сведоци и во присуство на нивната малолетна ќерка, заканувајќи се дека ќе ја избрка од домот и дека ќе ѝ го одземе детето.

На критичниот ден, по ново психичко и физичко малтретирање и закани, жената се вратила во станот со ќерката со намера да се спакува и да замине. Обвинетиот инсистирал да се качи со неа во станот и таму продолжил со заканите. Сведок го ортурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената.

Долгогодишното малтретирање ја довело жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безнадежност, по што таа скокнала од терасата на станот од шестиот кат заедно со својата малолетна ќерка.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.