Маж и жена од Белгија, брачна двојка која со помош на професионална сметководителка од Македонија отворила фирма во Штип, ѝ понудиле спогодбен отказ кога дознале дека е бремена. Под силен стрес и притисоци да го потпише отказот, жената прокрварела и ѝ бил загрозен плодот, поради што лекарите веднаш ја упатиле на патолошка бременост, пишува Сакам да кажам.
Бидејќи бремената сметководителка не попуштила пред притисоците да си даде отказ, сопствениците нашле друг начин да се ослободат од неа. Отвориле нова сметководствена фирма со седиште во Скопје и во неа ги префрлиле сите вработени од фирмата во Штип, освен неа. Таа, во 33. гестациска недела од бременоста, останала единствена во згаснатата фирма во Штип и со тоа останала без работен однос.
Сопружниците од Белгија добро ја познавале сметководителката, бидејќи таа претходно работела и во нивната фирма во Белгија, каде што биле многу задоволни од нејзината работа. Токму нејзината професионалност ги мотивирала да дојдат во Македонија и во Штип да отворат друштво за производство, услуги и трговија, наведува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Врз основа на медицинската документација, Комисијата констатирала дека притисокот врз жената да потпише отказ станал толку силен што од стрес добила компликации во раната бременост и постоела закана од абортус. Во периодот кога била на патолошка бременост, платата и придонесите биле покривани од Фондот. Сепак, сопствениците свесно формирале ново друштво и во него ги префрлиле сите вработени освен неа.
„Не ѝ била издадена ни потврда дека е во редовен работен однос, а на 14 мај 2025 година, во 33-та недела од бременоста, била одјавена од задолжителното социјално осигурување, односно ѝ бил прекинат работниот однос, и покрај претходно доставениот писмен допис со кој ги предупредила на последиците и штетата што ќе ѝ се нанесе“, наведува Комисијата.

