На денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“ сведочеше Горан Игновски, кој повеќе од 34 години се занимава со продажба и сервис на опрема за настани, како озвучување, осветлување и сценски ефекти. Тој објасни дека пред кочанската трагедија, на настап на ДНК во дискотеката „Де факто“ во Гевгелија, со прскалки и истото шоу, се запалиле платно и звучници.
Игновски посочи дека прскалките што биле користени во Кочани имале поголем домет од три метри и биле несоодветни за внатрешна употреба, додека прскалките за метар и половина до два метри се безбедни за внатрешни простории. Тој детално објасни разлика меѓу топли и ладни прскалки, начинот на активација и цените на опремата.
Сведокот додаде дека една година и половина пред трагедијата, на Панчо од ДНК и уште еден член, им продал куферче за далечинска активација и осум патрони за топли фонтани, но тие не биле исти како оние употребени во „Пулс“.
Судењето опфаќа 35 физички и три правни лица, меѓу кои сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори и поранешни министри, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

