7 March, 2026

Кангал искаса 4-годишно девојче од Битола, жители велат дека е истото куче што пред еден месец нападна друго дете

Големо куче, мелез од расата кангал, вчера во населбата Баир во Битола нападна 4-годишно девојче, нанесувајќи ѝ повреди во пределот на лицето, вратот, градите и рацете. По настанот девојчето било однесено во Битолската болница, каде што ѝ била укажана лекарска помош.

„Денеска во дворот влезе куче скитник и ми го нападна 4-годишното внуче“, објави роднина на девојчето на социјалните мрежи.

Роднината преку статусот ги замоли граѓаните да му испратат телефонски број од шинтерската служба во Јавното претпријатие „Комуналец“ за да го заловат кучето.

Самедин Канановски од Центарот за интеграција на Ромите од Битола, чија внука беше искасана на 6 февруари во населбата Баир, по што беше пренесена во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ со тешки телесни повреди, вели дека станува збор за истото куче.

„Тоа е истото куче што ја нападна и внука ми и нападот беше на ист начин. Кучето влегло во дворот и го нападнало малото“, вели Канановски.

Од прифатилиштето за кучиња „Хачико“ од Битола соопштија дека вчера, по добиена пријава за каснување, шинтерската служба веднаш излегла на терен и кучето било заловено во напуштен објект во близина на местото на настанот.

„Станува збор за куче мешавина од кангал, односно напуштено сопственичко куче чиј сопственик не е познат. Кучето е транспортирано во прифатилиштето, каде што ќе биде ставено под ветеринарен надзор и опсервација согласно предвидените процедури. Случајот е пријавен во Агенцијата за храна и ветеринарство и во МВР, а надлежните институции ќе постапуваат согласно законските надлежности“, соопштија од „Хачико“.

За еден месец ова е втор напад на куче врз мало дете во Битола. На 6 февруари двегодишно дете од истата битолска населба беше пренесено во Клиничкиот центар во Скопје со тешки телесни повреди нанесени од кучиња скитници.

Детето си играло во дворот пред семејната куќа кога глутница кучиња влегла внатре, го искасала и го влечела надвор низ улицата. Детето имало повреди по вилицата, вратот, препоните, стомакот и десната страна од телото.