Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за Стојанче Јовановски осомничен за кривични дела наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста, во врска со трагедијата во скопската населба Карпош во која починаа Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја.
Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот, сопруг на починатата со кого таа била во бракоразводна постапка, во периодот од 2019 година до 2 март континуирано ја малтретирал физички и психички, ја навредувал, тепал и понижувал, нанесувајќи ѝ видливи повреди по телото.
„Од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година па се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и и нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“, велат од Обвинителството.
Според прибраните докази, ваквото однесување се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што Ивана Јовановска се нашла во безизлезна состојба и донела одлука да си го одземе животот. Таа ја земала во раце својата шестгодишна ќерка и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место.
На денот на трагедијата, според обвинителството, осомничениот најпрво ѝ се заканувал и ја нападнал во близина на нејзиното работно место. Подоцна, додека со автомобил управуван од трето лице се движеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие, со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, меѓу кои хематоми на главата и телото.
Откако ја земале ќерката од училиште, сведокот ги однел до нивниот дом за оштетената да се спакува и да замине кај својата мајка. Додека сведокот и осомничениот чекале пред зградата, Ивана Јовановска се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Како причини се наведуваат опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и вештаци, како и ризик од повторување на кривично дело.
Од обвинителството посочуваат дека продолжуваат со прибирање докази за овој, како што го оценија, комплексен случај.

