Естрадниот новинар Васко Спасовски, кој неколку години работел како ПР на групата ДНК, во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ изјави дека немал улога во организацијата на настапот во Кочани. Тој појасни дека неговата работа била само да договара услови, цена, локација и датум за настапите, додека организацијата на самиот концерт не била негова обврска.
Според него, настапите најчесто ги договарал Панчо, кој бил „моторот“ на бендот и го подготвувал репертоарот. Спасовски рече дека на кобната вечер не бил во Кочани, а за пожарот дознал околу 4 часот наутро од објава на локален портал, по што веднаш се упатил кон градот за да ги бара членовите на бендот.
Во сведочењето посочи дека првично мислел дека пиротехниката ја обезбедува организаторот, но подоцна, прегледувајќи снимки од настапи на ДНК, увидел дека бендот користел прскалки и на други концерти. Според разговор со поранешниот тур-менаџер Денис Даутовски, прскалките најчесто биле легално набавувани од продавница во Кисела Вода.
Тој додаде дека кога Даутовски престанал да соработува со бендот, претпоставува дека неговата улога околу прскалките ја презел Мартин Атанасовски Буцо. Спасовски нагласи и дека сценскиот настап на ДНК не бил договаран со сопственикот на дискотеката „Пулс“.

