1 December, 2025

(Видео) Не го поканија Леон на роденден затоа што има аутизам, но цело Скопје се собра да му покаже дека не е сам

Пред еден месец, дванаесетгодишниот Леон од Драчево, ученик во основното училиште „Рајко Жинзифов“, останал единствениот кој не добил покана за роденден на едно од своите другарчиња.

За неговата мајка тоа било болно потсетување дека општеството сè уште не ги прифаќа доволно децата со аутизам, но наместо да се затвори во себе, таа реши гласно да проговори. На социјалните мрежи упати искрен апел – до сите родители, наставници, деца, да разберат дека секое дете заслужува пријателство, љубов и место во заедницата.

Нејзините зборови не останаа незабележани. Токму тие зборови инспирираа група луѓе со големи срца да направат нешто посебно.  Под водство на планинарката и алпинистка Ирина Дишо, се организираше изненадување кое Леон ќе го памети засекогаш.

Од видеото споделено на Јутјуб на ТВ Сител, може да се види како Леон ја отвора вратата, а потоа го пречекуваат пожарникари, полицајци, спортисти и еден пилот, сите дојдени само за него. Кога ја отвори вратата и ги здогледа, неговата насмевка беше толку искрена и топла што никој не остана рамнодушен.

-Сакавме да му покажеме дека тој не е сам. Ова не е само подарок за Леон, туку порака за сите нас – дека секое дете заслужува љубов, внимание и прифаќање … нашата порака е јасна, да се даде поддршка, да се крене гласот и свесноста на родителите пред сè, а потоа и на самите деца, вели Ирина Дишо.

Покрај играта и дружбата, денот се претвори во симболична лекција за возрасните, дека децата со аутизам не бараат ништо повеќе од можност да бидат дел од светот кој го делиме сите. Оваа иницијатива покажа дека едно мало дело на добрина може да го промени светот на едно дете, а можеби и на многу возрасни.

„Потег за поздрав!

Откако пред еден месец Леон (12) од Скопје кој има аутизам беше единственото дете во одделението кое не доби покана за роденденот на негово другарче, реши да го изненади – во училиштето му донесе пожарникари, пилот, кошаркари, планинари и жена полицаец и му измами насмевка.

Најголема радост беше дружбата со скопските пожарникари кои го провозеа во противпожарното возило”, напишаа од непрофитната организација „Се молиме за Македонија”.