Мајката која минатата година го сними сопругот како ја тепа нивната ќерка во скопската населба Драчево повторно се огласи во јавноста, изразувајќи револт што, како што тврди, насилниот татко е на слобода.
Скопјанката Валерија преку објава на социјалните мрежи порача дека доколку тој повторно се појави пред нејзината врата, „лично ќе пресуди“, обвинувајќи ги институциите за неефикасност и неправда.
„Да ти се плукнам во правдата. Ѓубрето да си шета слободно, викенд му следувало, можел да оди на работа – буквално ќе си шета како ништо да не се случило. Демек таква проценка се дала, не бил опасен по живот. А што е со нас?“, напиша таа на Фејсбук.
Таа тврди и дека од Центарот за социјална работа се обидувале да ги „смират“, и покрај насилството што, како што вели, со години го трпела таа и нејзините деца.
Случајот стана познат во јавноста откако минатата година се појави видео на кое се гледа како таткото физички напаѓа четиригодишно девојче.
По настанот, Основното јавно обвинителство покрена постапка против 28-годишниот скопјанец, кој беше приведен и кому му беше одреден притвор. Според обвинителството, инцидентот се случил додека мајката подготвувала храна, а девојчето играло со своите сестри. Кога детето се качило на кревет во дневната соба за да земе играчки, таткото почнал да ја навредува, а потоа и физички да ја напаѓа.
Како што се наведува во наодите, тој ѝ удрил неколку шлаканици по лицето, при што ѝ нанел набиеница на главата и огреботини на лицето, а притоа упатувал и закани дека „ќе ја убие“.
Засега нема официјална реакција од Центарот за социјална работа во врска со тврдењата на мајката дека од таму се обидувале да ја смират со насилниот сопруг, додека од Обвинителството се очекуваат дополнителни информации за текот и исходот на постапката.


