Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски во февруари беше киднапиран во Белград, настан што со денови беше во фокусот на регионалните медиуми.
По случувањето, пејачот и неговата сопруга Марина открија дека поминуваат низ тежок период, а за случајот проговори и неговиот адвокат Бранислав Станишиќ.
Тој изјави дека засега нема конкретни резултати во врска со приведување на осомничените и дека се надеваат оти полицијата ќе ги пронајде сторителите и ќе започне кривична постапка.
Адвокатот откри и детали од драматичниот инцидент. Грабнувачите го врзале Кајмакоски со селотејп и, заканувајќи му се со пиштол и нож, го држеле на нишан и го принудиле да влезе во нивното возило. Инцидентот започнал во близина на Бетонската сала во Белград, по што напаѓачите со голема брзина се обиделе да избегаат кон Рума.
Во обид да избегаат од полицијата, поради густата магла и непознавањето на теренот, автомобилот удрил во насип кај кружен тек и бил сериозно оштетен. Напаѓачите го напуштиле возилото и избегале, а полицијата го пронашла пејачот врзан на задното седиште.
Според адвокатот, психичката состојба на Кајмакоски е стабилна и тој продолжува со своите професионални обврски и настапи, додека неговата безбедност во моментов е значително зголемена.

