5 March, 2026

Стојанче се карал со Ивана пред влезот на зградата пред трагедијата

Пресуди, истраги, мерки, пријави… Стојанче Јовановски имал зад себе долга историја на проблематично и, според институциите, криминално однесување. Тој е сопруг на 31-годишната Ивана, која скокна од зграда држејќи го во раце своето дете, при што и двете го загубија животот на самото место.

Стојанче Јовановски моментално се наоѓа во затворот „Шутка“, откако судот му одреди краткотраен притвор со цел обезбедување докази во постапката што се води против него за три кривични дела: наведување на самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.

Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека се прибираат снимки од безбедносни камери од објектите во кои се движела починатата. Од Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија потврдија дека на една од снимките се гледа како Јовановски ја удира Ивана.

Полицијата најави брза и темелна истрага, додека јавноста со денови е вознемирена од трагичниот чин на младата мајка, која, според информациите, подолг период била изложена на семејно насилство.

Извори од истрагата за весникот ВЕЧЕР тврдат дека непосредно пред Ивана да скокне од балконот, држејќи ја во раце ќерката, Јовановски заедно со уште едно лице се наоѓал пред влезот на зградата, каде што наводно имало расправија. Според официјалното соопштение на Обвинителството, таа во тој момент била заклучена однатре.

Два часа претходно, на друга локација, Ивана пријавила во полиција насилство од сопругот, со кого била во фаза на развод. Но, како што соопштија од МВР, по пристигнувањето на полицијата таа се откажала од пријавата, наведувајќи дека немало физички контакт и дека ситуацијата ќе ја реши по мирен пат.