4 March, 2026

Стојанче Јовановски ја тепал Ивана пред детето во паркот во Ѓорче во декември, вели сведок

Стојанче Јовановски, осомничен за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Јовановска, која заедно со нивната ќерка скокна од балкон на зграда во скопско Тафталиџе, во декември физички ја нападнал пред очите на детето, тврди Ивана Белчева за Слободен печат. Таа вели дека толку се вознемирила од глетката што го прегрнала шестгодишното девојче за да го заштити.

– За жал, бев сведок на семејно насилство пред очите на детето. Настанот се случи во паркот во Ѓорче Петров. Јас бев една од сведоците што го пријавија случајот – раскажува Белчева, потсетувајќи дека инцидентот го пријавила во полиција во декември 2025 година.

Таа додава дека и покрај предупредувањата да престане, Јовановски продолжил со насилството.

– Го предупредивме да се смири пред детето, но тој повторно ја нападна сопругата. Повикавме полиција. Полицајците заминаа, а јас останав да дадам исказ. Не ги познавав, но слушнав дека девојката се вика како мене, а од соседен локал го препознале дека работел во „Пожарната“ во Ѓорче. Веднаш контактирав и пријател од интервентната полиција, бидејќи се плашев за детето. До вечерта ги пронашле, а следниот ден настанот беше евидентиран во билтенот на МВР – вели Белчева.

Според информациите, за инцидентот што се случил на 19 декември, на полицијата ѝ биле потребни 45 дена за да го извести Центарот за социјални работи (ЦСР) – Скопје, и тоа како „прекршок против јавниот ред и мир“. Од ЦСР информирале дека пријавата од МВР ја добиле на 2 февруари годинава.

Процедурите предвидуваат проценка на ризик од страна на социјален работник и психолог, со цел да се утврди степенот на загрозеност и за мајката и за детето. Засега нема информации дали сите протоколи биле целосно испочитувани.

Неофицијално, според информации на „Слободен печат“, тепањето било снимено со видеозапис обезбеден од полицијата истиот ден кога се случи трагедијата, а наводно се случило во близина на скопски суд. Потврда од МВР за ова засега нема.

На Стојанче Јовановски му е одреден 48-часовен притвор.