Јавноста ја потресе шокантна трагедија што се случи во комплексот „Алумина“ во скопската населба Тафталиџе.
Според првичните информации, триесет и едногодишна мајка заедно со својата шестгодишна ќерка паднале од шести кат од зграда лоцирана на улицата „Прашка“ во општина Карпош. Настанот бил пријавен нешто по 14 часот.
Мајката и девојчето починале на лице место како последица на падот.
Случајот првично во полиција бил пријавен како самоубиство, но од Министерство за внатрешни работи за Канал 5 изјавиле дека делото не може да биде квалификувано сè додека не заврши увидот и останатите постапки, кои се спроведуваат во координација со надлежен јавен обвинител, особено имајќи предвид дека е инволвирано и малолетно дете.
Членови на семејството, кои телевизиската екипа ги затекнала на местото на настанот, изјавиле дека шестгодишното девојче било прваче и одело на училиште. Според нив, меѓу родителите во последниот период имало чести кавги. Свекрвата, која подолго време била третирана од екипи на Итната медицинска помош, кусо изјавила дека станот бил во заедничка сопственост.
Повеќе од два часа улицата била затворена за сообраќај. Полициски службеници земале изјави од сведоци, додека траел увидот на местото на настанот и се собирале материјални докази.
На социјалните мрежи се појавија и емотивни реакции од граѓани. Една од нив, објавена од Тања Спировска, изразува револт и тага поради трагедијата, со повик институциите да ја утврдат целосната вистина за случајот.

