3 March, 2026

„Правно сте чисти, но ќе можете ли да спиете вечерва“: Се обрати очевидец за трагедијата до вработените во институциите

Нова трагедија ја потресе јавноста и повторно ги отвори прашањата за институционалната заштита на жртвите на семејно насилство. Случајот, во кој животот го загубија мајка и дете, предизвика револт, страв и гнев кај граѓаните, кои бараат одговорност и системски промени.

Според сведоштва споделени на социјалните мрежи, жртвата претходно пријавувала семејно насилство, но, како што се наведува, институционалната реакција била недоволна. Овие наводи дополнително ја зголемија загриженоста во јавноста и отворија прашања за тоа дали биле искористени сите законски механизми за заштита.

Во продолжение, го пренесуваме во целост статусот на очевидец објавен на социјалните мрежи:

„Денес поминав од таму, со дете за рака, кратко по трагедијата. Видов полиција, затворена улица, но никој не ме застана да ме предупреди за било што.
Ги видов покриени. Брзав да го тргнам детето од таму! Полицијата за ништо не ме предупреди.
Разбрав од минувачите.

Мајка и дете! Зборувала, пријавувала, викала, никој не ја слушнал, никој не помогнал!

Пријава во полиција најчесто поминува со опомена! Таков е законот. Сменете го законот.
Пријава во социјално поминува со „разговор“. Таков е законот. Сменете го законот.

Во тоа социјално речениците најчесто се следни: „Не ти го биравме ние сопругот, сама си си го избрала“ – проследено со цинична насмевка! Понатаму: „Имаш семејно насилство, ама нема доволно докази“, „Решете си го проблемот меѓу вас, со разговор“… а на поставени пет прашања, немаат одговор најчесто на четири од нив, на петтото ќе добиете еден од овие одговори погоре, со кревање на рамениците. Таков е законот.

Сменете го законот! Зашто вработените ви работат според дупките во законот!

Ми се гади, чиниш се обраќаш на глувонеми лица! Небаре некој доаѓа таму од убавини или од што сака да ги види како превртуваат очи.

Не заборавајте дека живееме во мало место, зборува народот, вработените имале цена, а носат одлуки за цели семејства! Сменете нешто!

Во тоа Министерство и во тоа Социјално не треба да одат вработените за да им помине работно време, туку решаваат нечии судбини! Сменете нешто!

За жал не можам да речам пред да биде доцна, зашто одамна веќе е доцна!

Важно им е само да бидат правно чисти! Верувам дека и сега сте правно чисти, сите до еден, а ќе можете ли да спиете вечерва? Јас не! Зашто се срамам од тоа во какво општество живеам, се срамам од тоа во какви монструми се претворивме. Срам е мал збор. Гневна сум и бесна од тоа што ни се случува и каде живееме! Од пострашни зборови ќе се воздржам, но само за сега. Во време на најголемите христијански и муслимански пости, помолете се, секој на својот Бог, за агонијата што ја живееме.

И кога и да видите или слушнете како некој моли за помош, немојте ни случајно да си речете: „Има институции, тие ќе си го решат проблемот, си ја знаат работата“. Немојте! Зашто нема да го решат, зашто не си ја знаат работата! Помогнете, бидете гласни, направете „драма“ ако треба! Можеби така ќе натераме некој да почне да работи.

Ќе завршам (само за вечерва, од почит), со зборовите на Горан – „Солзи немам да исплачам колку сме за жалење“.“, пишува Ирена Илевска на Фејсбук.


Од надлежните институции засега се очекуваат официјални информации за случајот и за тоа дали претходно биле поднесени пријави и какви мерки биле преземени. Јавноста, во меѓувреме, бара одговорност и конкретни законски измени со цел спречување на идни трагедии.