Водителката и пејачка Сузана Турунџиева јавно проговори за мистериозната смрт на нејзиниот брат Панде, кој го загубил животот на 36-годишна возраст, работејќи во Канада. Во ноември минатата година се навршија 25 години од трагичниот настан што засекогаш го променил нејзиното семејство.
– Настанот од 2001 година останува мистерија за нас. Единствената вистина е дека брат ми никогаш повеќе не се појави. И по погребот, со години живеевме со надеж дека можеби ќе се врати, бидејќи никој од нас не го виде – изјави Турунџиева во подкастот Равенка за успех.
Таа откри дека Панде бил исчезнат повеќе од 45 дена. Кога бил пронајден, идентификацијата била исклучително тешка.
– Практично немаше што да се идентификува, освен неговата јакна и часовникот. Тоа го направи мојата снаа. Кога не сакаш да веруваш во најлошото, не веруваш. Го немаш видено и како ништо да не се случило. Си ја крепиш надежта дека можеби не е тој. А потоа, по извесно време, сфаќаш дека вистината е поинаква – рече таа.
Според медиумските написи од тоа време, Панде Турунџиев најпрво бил киднапиран, а потоа убиен под неразјаснети околности. Семејството никогаш не ги дознало деталите, а случајот останал нерасветлен.
Турунџиева претходно зборуваше за трагедијата и во емисијата Мамавизија на Слободен печат, нагласувајќи дека загубата била огромен удар за семејството.
– Нема многу мажи во мојата фамилија. Татко ми го загубив многу млада, а смртта на брат ми беше огромна трагедија. Децата ги растев без татко – изјави таа.
На 24-годишнината од неговата смрт, Сузана на социјалните мрежи ја сподели песната „Бато“ од Калиопи, со емотивната порака: „Бато. Збор што боли и пече полни 24 години“.
– 12 ноември 2001… Денот по кој ништо не е исто. Тој ден животот ми го зеде единственото братче Панде – најдоброто и највредното во нашето племе – но ми подари луѓе кои никогаш не ме оставија сама – напиша Турунџиева во 2023 година.
Трагедијата и по четврт век останува болна и неразјаснета рана за семејството Турунџиеви.

